Развој на културно-просветната и литературната дејност
Во рамките на преродбенските и национално-ослободителните процеси на македонскиот народ во 19. и 20. век посебно место има етапата на борбата на македонското население за црковна и просветна еманципација. Македонските преродбеници, учебникари, борци за обновување на укинатата од 1767 година, Охридска архиепископија, со нивната дејност даваа посебен белег во сеопштата борба за македонска слобода, самоиздигнување и разграничување во преродбата на балканските народи чиј говорен јазик, кај најголемиот дел од нив, беше словенскиот. Посебно важен е фактот што македонските преродбеници биле претходница, но дел од нив биле и непосредни учесници во организираното македонско револуционерно движење олицетворено во Македонската револуционерна организација (од 1896 ТМОРО, од 1905 ВМОРО)
Во преродбенската и просветителската дејност посебен печат со огромниот ентузијазам, активност и барање на народните корени дадоа Димитрија и Константин Миладинови, Јордан Хаџи Константинов-Џинот, Кирил Пејчиновиќ, Јоаким Крчоски, Григор Прличев, Теодосиј Синаетски, Партениј Зографски, Кузман Шапкарев, Константин Петковиќ, Рајко Жинзифов, Марко Цепенков и ред други. Покрај нив, при крајот на 19. и почетокот на 20. век, бројна македонска интелигенција, надвор од својата татковина Македонија се организирала во повеќе емигрантски културно-просветни друштва кои одиграле значајна улога во создавањето на посебниот македонски идентитет, јазик, самоосознавање. Меѓу овие Македонци, посебно место имаат Крсте Мисирков, Димитрија Чуповски, Дамјан Груев, Петар Поп Арсов, Никола Наумов, Христо Поп Коцев, Петар Поп Арсов, Георги Баласчев, Коста Шахов, Ефтим Спространов, Иван Хаџи Николов и други.


Браќата Миладиновци биле предводници на македонското преродбенско движење од крајот на 50.и почетокот на 60. години на 19. век.
ДИМИТАР МИЛАДИНОВ (1810-1862)
Mакедонски преродбеник, публицист, преведувач, народен штитеник, борец против елинизмот, предводник и воспитувач - учител на една цела генерација македонски преродбеници меѓу кои Константин Миладинов, Григор Прличев, Рајко Жинзифов, Партениј Зографски, Кузман Шапкарев, Ѓоргија Пулевски и други. Тој бил застапувач на народниот македонски говор во училиштата и црковно-словенскиот во богослужбата. Бил собирач на народни умотворби и вистинскиот автор на Зборникот на Миладиновци кое се смета за најзначајното дело од периодот на македонската преродба.
КОНСТАНТИН МИЛАДИНОВ (1830-1862)
Mакедонски преродбеник и родоначалник на новата македонска поезија, редактор и издавач на Зборникот на браќата Миладиновци, публицист, учител и преведувач. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Атина на отсекот за грчка филологија, а потоа студирал словенска филологија на Московскиот универзитет (студиите не ги завршил). Тој е автор на голем број песни од кои најголема уметничка вредност носи „Т`га за југ“. Сите негови песни се напишани на струшки дијалект.
ГРИГОР ПРЛИЧЕВ (1829-1893)
Eден од најистакнатите македонски поети во македонската литература од . век. Тој бил учител и панславист, народен заштитник против грчката пропаганда, преведувач, публицист, полемичар и автобиограф. Во 1850 година се запишал на Медицинскиот факултет во Атина, а со цел да ги продолжи студиите на Медицинскиот факултет во Атина, тој, во 1860 година учествувал на поетскиот конкурс во Атина каде ја добил наградата за најдобро поетско дело со поемата „Сердарот“ („О Арматолос“). Награден со ловоров венец, парични средства и со епитетот „втор Хомер“, одбивајќи да се откаже од своето словенско потекло во полза на грчката пропаганда во Македонија, од грчка страна му била прекратено награденото студирање во Берлин или Оксфорд. По враќањето во Македонија, неговата борба се насочила против претставникот на грчката пропаганда во Охрид, владиката Мелетиј. Неговиот живот се окарактеризирал со борба против грчката пропаганда во Македонија поради што неколку пати бил прогонуван и затворан. Негови дела се: поемата „Сердарот“, поемата „Скендербег“, Автобиографијата и други.


Бил македонски учител, лингвист и мислител, кодификатор на македонскиот литературен јазик и правопис, полемичар и публицист, историограф и апологет на македонската национална самобитност, жесток противник на туѓите пропаганди во Македонија и аналитичар на севкупните состојби на Македонија, дипломец на Филолошкиот факултет во Петроград со одбрана на дипломскиот труд на тема: „Кон прашањето за народноста и причините за популарност на македонскиот крал Марко“ и издавач на првото научно-литературно и политичко списание на македонски јазик „Вардар“ во 1905 година. Тој бил учесник и еден од основачите на Тајниот македонско-одрински кружок во Петроград и на Македонското научно литературно другарство „Св. Климент“. Мисирков бил застапник за признавање на македонските Словени, издигнување на македонскиот јазик на степен на литературен јазик, возобновување на Охридската Архиепископија и извојување на целосна автономија во рамките на Османлиското царство. Негови најзначајни статии се: „Македонија и словенството“, „Самоопределување на Македонците“, „Борбата за автономија“, „Нашата вера“, „Македонска култура“, „Македонски национализам“ и неговото најзначајно дело „За македонцките работи“ каде била направена и кодификацијата на македонскиот литературен јазик.
НАИМ ФРАШЕРИ (1846-1900)
Заедно со брат му Сами Фрашери е основоположник на современата албанска азбука.