Неколку нијанси женски приказни

Проектот Неколку нијанси женски приказни ги величи и отсликува жените и нивни успеси во Македонија од почетокот на 20 век, па сè до денес.
Приказните имаат голема моќ. Нашата традиција за раскажување, прераскажување ткае приказни пренесувани од генерација на генерации.
Изборот на приказните кои сакаме да ги раскажеме или дознаеме е таинствен и интимен процес, тој не се темели на правила, туку на нашиот однос кон нештата, на нашата чувствителност и надворешните предизвици.
Сите ние размислуваме преку приказни, веруваме дека универзумот е борба на доброто и злото, на хаосот и космосот, конфликти и решенија, веруваме во приказни со среќен крај... Всушност, слушајќи и прераскажувајќи приказни, создаваме свои сопствени, трагаме по одговор за нашата улога во тој универзален театар и се надеваме дека сме дел од нешто што е поголемо од нас. А ако ја разбереме таа наша единствена улога, тогаш и ќе ја одиграме преку нашите дела и постапки и ќе поверуваме во космичката, универзалнa приказна.
Овој проект визуелизира жени кои биле дел од создавањето на нашата историја, создале приказни. Жени на кои приказните им се случиле, работеле на нив, ги полевале со сопствената крв и солзи и смеа, додека да процветаат и да дојдат до нас, за да ги слушнеме, толкуваме и продолжиме да ги раскажуваме понатаму.
Сите нив ги поврзуваат заеднички нешта, карактеристики, истенчени сетила, заигран и ведар дух, посветеност...сериозност. Склоност кон поврзување со некоја поголема идеја, љубопитност, издржливост и сила. Тие се длабоко интуитивни, имаат чувство за заедницата, прилагодливи се на промени и различни околности, но и жестоки, непоколебливи одлуки.
Проектот Неколку нијанси женски приказни е дел од програмските активности на НУ Музеј на македонската борба за самостојност, кој започна минатата година, а се реализира во текот на 2020 година со поддршка од Годишната програма за остварување на националниот интерес на Министерството за култура.
Јоциќ Оливера - Вера, народна хероина од Скопје
Деец на КПЈ и народен херој на Југославија од Македонија. Родена е во с. Синѓелиќ (денес Ченто), Скопско. (21.08.1923 г. - 23.05.1944 г.)
Во текот на 1941 година, станала член на Комунистичката партија на Југославија (КПЈ). По капитулацијата на Кралството Југославија (9 април 1941 година), му се придружила на антифашистичкиот отпор во Србија (Партизански одреди Ваљево и Јастребац). Во октомври 1943 година, се префрлила воВардарска Македонија и дејствувала во редовите на партизанското движење. Била заменикполитички комесар во Кумановскиот партизански одред, баталјонот „Орце Николов“ и Третата Македонска ударна бригада. На 20.05.1944 година е тешко ранета во борбите кај Страцин во конфликт со бугарската армија. Починала три дена откако се здобила со повреди во селото Саса, Македонска Каменица.
За народен херој била прогласена на 20 декември 1951 година.
Нејзиниот соборец и поет, Ацо Шопов ѝ посветил две стихотворенија „Љубов“ (објавена во весникот „Огин“ 1944 година и „Очи“ (објавена во „Нов ден“ 1-2 во 1946 година)
Милка Ефтимова, примадона
Примадоната Милка Ефтимова , алт и мецосопран певица, доајен на Македонската опера и редовен професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Импресивната биографија на Ефтимова брои многу настапи на различни сцени низ светот и многу признанија и награди во текот на богатата кариера. Ја паметиме по прекрасната улога на Кармен, која ѝ донесе голема слава и по прекрасниот глас што останува наше нематeријално културно и духовно наследство и безвременска вредност и радост на нашето ѕвездено уметничко небо. Уметница за која сцената значи и живот и творештво, макотрпна работа, самопожртвуваност и дисциплина. Во 1961 година првпат застанала на сцената на оперскиот театар, а од оперската сцена јубилејно се простила со Кармен во 1991 година. Ефтимова и во деветтата деценија е пример за отменост и достоинственост. Во едно свое интервју вели „Ми недостигаат сцената, публиката, никогаш нема да ги заборавам настапите ширум Европа, Америка и во Македонија, само на „Охридско лето“ настапував дваесет пати… Улогите во „Трубадур“, „Бал под маски“, „Мадам Батерфлај“, „Евгениј Оњегин“, „Кавалерија Рустикана“, „Кнез Игор“, „Фауст“, „Кармен“, по која најмногу ме препознаваат….
Рајна Алексова, првата жена фармацевт во Македонија и на Балканот
Со текот на децениите, вековите, исчезнуваат земните нешта , а остануваат вистинските значења и вредности, кои по својата природа се есенцијални... Рајна Алексова (1883-1959)
Рајна Алексова ги урива стереотипите во османлиското царство како образована и искусна фармацевтка која не се откажува од својата професија. Родена во Битола, во предвечерието на распадот на Отоманската Империја, младата Рајна, пред повеќе од 100 години, тргнала во остварување на својата амбиција. Уште од најрана возраст имала силна желба и љубов кон интелектуализмот и професионализмот, кои претставуваат особеност во нејзината биографија. Преживеала власт на Отоманската Империја, бурните години на Младотурската револуција, Балканските војни, Првата и Втората Светска Војна, искусила и неправда во социјалистичка Македонија, а починала од насилна смрт во својот дом.
Атина Бојаџи, маратонка во пливање, спортска легенда.
Нејзиниот живот е мотив за многу документарни и еден игран - култниот филм „Исправи се Делфина“. Атина Бојаџи е единствената жена во светот што го препливала Средоземното Море и застрашувачкиот канал Ламанш. Со овој подвиг таа си ја обезбедила титулата спортист на 20. век. За своите постигнати професионални успеси добила огромен број награди и признанија, златни и сребрени медали и пехари. Маратонска кариера на Атина Бојаџи траела цели 12 години. Меѓу бројните награди добитник е на наградата за животно дело од Пливачката федерација на Македонија и наградата Крсте Петков Мисирков. Во 1998 година, Македонскиот олимписки комитет ја овенчува со признанието „Великан на македонскиот спорт“, а во 2000 година дневниот весник Утрински весник ја прогласува за спортист на векот. Во нејзина чест, спортскиот комплекс кај Билјанини Извори во Охрид го носи нејзиното име. Почина во Скопје во 2010 г.
Калипсо Налча , првата професионална актерка во Македонија.
Роса Плавева
Мулиерес фортес
Мулиерес фортес е првата етапа на дизајнерско-движечки слики од континуираниот опус за претставување на жените, а говори за осум истакнати жени од областа на науката, уметноста, спортот, бизнис секторот, човековите права, медиумите... Жени кои пионерски делувале и продреле во општеството дури и во оние моменти кога нивниот живот зависел од нивните одлуки, а нивните одлуки значеле Живот! и го запечатиле нивниот.