Донација од семејството на поетесата Светлана Христова-Јоциќ
Семејството на поетесата Светлана Христова-Јоциќ подари обемен личен фонд на НУ Музеј на македонската борба за самостојност и истиот станува дел од музејскиот фонд.
Членовите на семејството со задоволство донираа дел од личниот фонд на предмети на музејот, каде овој материјал соодветно ќе се чува и презентира.




Од првиот увид во личниот фонд на Светлана Христова-Јоциќ на патот кон негова трансформација во музејски фонд материјалот е класифициран во неколку категории: лични документи и предмети како дипломи, награди, признанија, реферати, лични ракописи. По неколку работни средби со директорката на музејот Даниела Николова, познатиот ликовен уметник, Сергеј Андреевски, син на поетесата Светлана Христова- Јоциќ, со задоволство ја прифати иницијативата да биде дел од семејствата кои трајно ќе отстапат лични фондови на музејот, со цел да се збогати музејската колекција со предмети кои ќе бидат дел од музејската поставка.
Музејот во текот на целата 2021 година го реализираше процесот на дополнување на музејскиот фонд преку дарови на лични предмети од семејства на познати историски личности, а оваа иницијатива продолжува и во тековната година.
Светлана Христова – Јоциќ – македонска поетеса, есеист и писател
Светлана Христова – Јоциќ била родена во Ресен на 27 февруари 1941, а починала во Скопје на 27 април 2012 година. Таа била македонска поетеса, есеист и писател за деца. Завршила Филозофски факултет во Скопје. Подолго време работела како новинар во Радио Скопје. Била секретар и претседател на ДПМ и покренувач и главен и одговорен уредник на ревијата „Стожер“. Член e на македонскиот ПЕН центар и на ДПМ.
Творештво
Калесница – поезија , Сињо – поезија, Последна битка – повест за деца, Алка за нишалка – поезија за деца, Хагада – поезија, Зачатие – поезија,Самечка ќелија – поезија, Гусларот – повест за деца, Стровиште – роман, Силенто – есперанто, поезија, С. Бесмертна – поезија, Голема молитва – поезија
Награди
Добитник е на наградата ,,Браќа Миладиновци”.