Богат личен фонд на Анте Поповски дониран во Музејот
Збогатувањето на музејските збирки е есенцијален принцип и метод на остварување на музејската дејност и еден од приоритетите на НУ Музеј на македонската борба за самостојност.
Во годината во која се одбележуваат 90 години од раѓањето на Анте Поповски (1931-2003) македонски книжевник, поет, есеист, публицист и општественик, обемен личен фонд од исклучително значење за македонската и светската културна историја станува дел од музејскиот фонд на НУ Музеј на македонската борба по пат на истражување и подарок.

Семејството Поповски изјавија дека им е задоволство да подарат дел од личните предмети од македонскиот книжевник, поет Анте Поповски на нашиот музеј, каде соодветно ќе се чуваат и презентираат.
Овој личен фонд во форма на материјално сведоштво има моќ самостојно да раскаже повеќе или помалку познати факти за животниот пат на големиот современик. Од првичниот увид во личниот фонд и на патот кон неговата трансформација во музејски фонд, прелиминарно материјалот е класифициран во неколку категории:
- лични документи и предмети: дипломи, награди, признанија, ордени, други документи за идентификација;
- документи за професионалната дејност: лични ракописи, кореспонденција, реферати, нацрти, концепти;
- фотографски материјал;
- уметничкo делo: Портрет на Анте Поповски од Коле Манев.
Следува фаза на идентификација, анализа, синтеза, интервју, контекстуализација, изработка на музејска документација, фотографија, снимање и видео материјал на музејскиот фонд, инвентаризација, презентација на музејски фонд.
Со овие чекори автентично ќе се документира книжевното културно наследство на Анте Поповски кое ја портретира богатата историја, традицијата, култура на македонскиот народ и јазик.

